Петар Печков
Објавено: четврток, 29 април 2010
За една година три одрона на земја и камења ги загрозија животите на исто толку велешки фамилии. Откако карпи тешки и по неколку стотини килограми некои и со тони, се срушија врз нивните домови наместо спокоен сон тие добија кошмарни сништа.
Таквата судбина ја делат уште стотина велешки семејства кои куќи изградиле по Дервенскиот поток, Рамина, Долни Дуќани, во супстандардни услови, каде е опасно да се живее. Овие настани ја отвораат големата дилема, за велешани присутна со години, за местоположбата, локацијата на куќите, каде да се гради легално, има ли простор каде градот да се шири и простира.
Оваа епизода најдобро ја илустрира изјавата на странец, кој патувал низ Велес и додека возот минувал низ центарот на градот, погледот давал идеална слика на околните ридишта. А таму странецот видел ,,куќа врз куќа, а на покривот магаре пасе,, оваа изјава велешани често во шега ја раскажуваат за тоа како изгледа нивниот Велес. Наместо да се развива по широките пространи полиња кон север, градот, се издигнува во височина, по околните ридови.
Каде да го градам мојот семеен дом, кога нема простор. Било кој сака да побара локација за градба на урбанизиран простор во Велес нема да ја најде. На север на најдоброто земјиште е изградена Топилницата, на исток Речани е земјоделски регион кој ги храни велешани. И што ми остана мене како избор, Долни дуќани од левата страна, Дервенски поток или Тунелот – вели велешанец кој неговиот дом како дивоградба го сместил каде што е тешко да се стигне.
Ако градот според статистиката има 18 илјади објекти за живеење, стручњаците посочуваат дека од една четвртина до една третина од куќите се дивоградби. За илустрација лани биле побарани 56 одобренија за градење што е четири помалку отколку во 2008-та, но и тие не се на нови градежни парцели, туку на постојни.
Затоа е разбирлив беше големиот интерес на велешани за четирите парцели во близина на ОУ Блаже Конески, кои пред половина година се распродадоа на лицитација по значително повисоки цени од почетната. Проблемот со ширењето на градот е познат за архитектите кои сметаат дека Велес се гуши во постојниот простор за живеење.
Вистинско чудо е како градот функционира. Реално имаме место за живеење на 25 до 30 илјади луѓе, за толку е проектираната моќ и на водовод и канализација, целокупната инфраструктура. Погледнете ги тесните сокаци, каде е узурпиран дел од улиците, па во половина град не може да стигне пожарна, брза помош, се случува починатите да не можат да бидат на време доставени на нивниот погреб. Факт е дека немаме ни атмосферска одводна мрежа, па така водата од секој порој ги поплавува куќите од стариот дел на градот а улиците со чамец можат да се минат – вели архитект од Велес кој заминал од градот, но на секое враќање во него забележува дека состојбата е непроменета.
За него е нејасно како е можно луѓето нивниот дом го градат во такви предели, под карпи и на свлечишта, каде го ризикуваат сопствениот и животот на нивните најблиски. Прашањето каде Велес треба да се шири во однос на локациите за изградба на домови за живеење е проблем кој треба да го решава локалната власт. Таа се судрува со него со години, бидејќи кога граѓаните ќе дојдат да побараат локација го слушаат одговорот дена нема место, единственото урбанизирано и можно за градење одамна е распродадено, во Тунелот на улицата Жифко Фирфов. Но сепак надеж има, голем потенцијал е просторот од касарната ,,Алексо Демниевски Бауман,, .
Како место каде може во иднина да се градат станбени објекти го гледам во сегашната касарна. Тоа е огромен простор каде е извесно дека на еден мал ќе се градат објекти за припадниците на војската, во рамките на проектот ,,АРМ мој вистински дом,,. Очекувам дека остатокот ќе биде отстапен за изградба на згради или индивидуални домови. Преговорите се веќе во одмината фаза и позитивниот одговор ќе значи голем импулс за станбената изградба во Велес – изјави градоначалникот на Велес, Горан Петров.
Просторот од касарната како можно градилиште е идеален, бидејќи од стотина хектари колку што таа зафаќа, употребен е само мал дел, додека останатиот е неискористен.
Tweet |